Број 1725 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

Слики во Времето
Фудбалерите на Раднички од Ниш на трипати играа во Купот на УЕФА, а во сезоната 1980/81 година беа полуфиналисти

Миодраг Мицковиќ
Фудбалерите на Раднички од Ниш на двапати им го загорчаа "животот° на Вардар, бидејќи на двапати, нивните меѓусебни средби одлучуваа кој ќе испадне од Првата лига. За жал, тоа беше Вардар. Раднички од Ниш, кој долги години заедно со Вардар играше во прволигашкото друштво е еден од најстарите клубови во Србија и Црна Гора, формиран 1925 година. Својот најголем успех нишлиите го постигнаа во сезоната 1980/81 година, кога под раководството на тренерот Илија Димоски се пласира во полуфиналето на Купот на УЕФА.
Пред тоа во Купот на УЕФА 1979/80 беа елиминирани во второто коло од холандскиот прволигаш АЗ 67 со 2:1 и 1:5, додека во првото коло на двапати го совладаа бугарскиот претставник Берое со 1:0 и 1:0.
Меѓутоа, веќе наредната година за Реал од Нишава, како што го нарекуваа нишки Раднички се слушна во Европа. Во првото коло беа поуспешни од познатиот италијански клуб Наполи 2:2 и 0:0, потоа и од Грасхоперс од Цирих со 0:2 и 2:0 (на пенали). На ред дојде и познатиот холандски клуб Феенорд - 0:1 и 2:0. Следуваше Данди јунајтед 0:2 и 3:0 во Ниш за да во полуфиналето, Раднички го совлада Хамбургер со 2:1, но во реваншот доживеа вистинска катастрофа од 1:5.
Третиот пат во Купот на УЕФА Раднички играше во сезоната 1983/84. На стартот две победи против швајцарскиот Сент Гален со 2:1 и 3:1, потоа беше елиминиран Интер од Братислава со 4:0 и 1:3 за да во третото коло нишлиите бидат поразени од сплитски Хајдук со 0:2 и 0:2.
За Раднички играа повеќе фудбалери од Македонија, меѓу првите Илија Димоски и Трајче Ковачев, Димитар Јовановски-Диксон, Мирко Илиевски, Васил Коцев, Благоја Китановски, Наум Бутевски, Жаре Стојановски, Стојанче Златановски, Боби Димовски, прилепчаните Иван Гарбески и голманите Веселин Тофовски и Војче Тренески, Благоја Кулески, потоа Здравко Точко, Боро Николиќ, Атанас Кировски и Жанко Савов.
Не е алку, дури 18 фудбалери од Македонија го носеле дресот на Раднички од Ниш.
Денес во нашта рубрика "Слики во времето° ќе го претставиме тимот на Раднички од сезоната 1973/74 кога беше есенски првак.
1. Милан Доведан, по завршувањето на кариерата во Раднички замина во САД на Флорида каде работи како стоматолог.
2. Љубиша Рајковиќ, едно од најпознатите имиња на нишкиот фудбал. По Раднички играше за Бастија на Корзика.
3. Драган Пантелиќ, бранеше и за репрезентацијата на Југославија на Светското првенство во Шпанија 1982 година. Од Раднички замина за францускиот Бордо. Денес е пратеник во парламентот на Србија и Црна Гора. Едно време играше и ракомет за нишки Железничар.
4. Стеван Андреевиќ, во Раднички дојде од белградска Црвена звезда. Денес е директор на клубот.
5. Драган Мартиновиќ од Раднички замина за Олимпија од Љубљана каде ја заврши кариерата.
6. Трајче Ковачев, освен за Раднички играше за Пелистер, Овче Поле и за велешки Борец, потоа беше успешен тренер на клубовите во Македонија, беше и селектор на младите селекции на Македонија.
7. Павле Грубјешиќ, во Раднички дојде од Партизан. Починат е. Неговиот син денес игра за Партизан.
8. Слободан Антиќ на крајот на кариерата играше за францускиот Нанси. Денес е раководител на ветераните на Србија и Црна Гора.
9. Илија Димоски, настапуваше за Победа и Раднички од Ниш чиј дрес го носеше 13 години. Потоа беше тренер на Раднички, Вардар, Победа, Пелистер, Осогово, Работнички, Напредок, Брегалница (Д), Приштина, Раднички (Пирот)...
10. Миодраг Стефановиќ од Раднички замина во Динамо од Врање. Денес е тренер на кадетите на Раднички.
11. Драгољуб Илиќ освен за Раднички играше и за француската екипа Троа. Починат е.


 


© 2001 Утрински Весник, сите права задржани