Број 1696 понеделник, 16 октомври 2006


  Култура

   

 

Литературата за деца во Ќор-сокак
Како да се создаде нова генерација детски писатели

Вера БуЖаровска


Во Македонија создадовме после војната плејада добри писатели за деца со кои можевме да се гордееме, но како што ги создадовме така и ги изгубивме.
Старите велат дека куќата започнува да се гради од темелот, а не од кровот. Па ако е така, тогаш љубовта кон книгата и потребата за читање на книга треба да ја создаваме уште од мали нозе, уште кога детето ќе ја научи азбуката за навистина подоцна да изградиме убава и здрава куќа.
Да обвиниме некого дека во нашите книжарници нема литература за деца тоа би било наполно погрешно, особено сликовници, за кои "Просветно дело° си ја врши наполно солидно својата работа и на децата им ги презентира сите светски автори.
Поентата е во нешто друго. Каде се нашите македонски писатели кои пишуваа за деца и нашите млади читатели ги запознаваа со нашиот живот, со нашата средина, историја, менталитет, настани и друго? Дел од нив навистина сега се упокоени, но и живите не живеат, ами само живуркаат со по некоја книга, ако успеат да издадат еднаш на неколку години, зашто за издавање на книгата треба пари, а пари нема. Со приватизацијата, спонзорите кои на испружената рака, даваа по некој динар, исчезнаа, а Министерството за култура се прави глуво-немо и на листата кога дели средства за издавање на книгите на овие автори раката му е куса.
Да не одиме подалеку, да застанеме само на минатата и оваа година кога ланската година беа доделени средства само за една книга, а годинава за ниедна.
Минатата година излегоа две книги за деца од македонски писатели и тоа едната беше од најмладиот автор кој има 53 години, а втората од најстариот кој во неговата биографија може да се прочита дека е роден 1922 година. Секој веднаш би се запрашал, па ако веќе создадовме толкав број врвни имиња во македонската литература за деца каде се тие. Ете каде се. Веднаш по војната се појавија една група наши писатели кои оставија незаборавни дела за деца како што беа Славко Јаневски, Ванчо Николески, Васил Куновски, Лазо Каровски, Нада Зекманова и десеттина други. Веднаш по нив дојде една поголема група од дваесеттина помлади, но исто така многу талентирани како и првите и кога и овие им се приклучија и се устоличија со по некоја книга, се појави и третата група, која не беше така бројна како втората, но сепак имавме добри творци кои можеа да ги заменат оние кои си заминуваа. Потоа четврта група не дојде, кој знае зошто и како.
Од издавачката куќа "Детска радост° која долги години беше закрилник и покровител на овие писатели, уредникот на издавачкиот сектор, Ненад Гвозденовиќ ни рече дека и покрај тоа што од Министерството за култура не добиле ни денар, сепак својот план некако ќе гледа да го исполнат.
Првите писатели кои се појавија со книги за нашите деца се починати, починати се некои и од втората група, како на пример: Бошко Смаќовски, Видое Подгорец, Душко Аврамов, Петко Домазетовски, Рајко Јовчевски и некои други, но затоа пак се живи: Глигор Поповски, Цане Андреевски, Генади Болиновски, Јован Стрезовски, Видое Видичевски, Александар Поповски, Стојан Тарапуза, Ристо Давчевски, Михо Поповски, Евгенија Шуплинова и тука да не набројувам сите кои во своите бира имаат по неколку подготвени книги што чекаат издавач, а издавачи има како плева, но пари нема.
И ние сакаме да создадеме читатели. Како ќе ги создадеме кога на нашите деца не им нудиме книги од домашни автори и не ги привикнуваме од мали да читаат, туку ги препуштаме улицата да им ја покаже историјата на својот народ, па потоа се жалиме дека уште од дванаесет години тргнуваат со лоши пороци.
Ако продолжиме со истото темпо, за десетина години еден по еден ќе ни замине и "последниот мохиканец° и во македонската литература ќе немаме писатели кои пишуваат за деца. Па сега нека се замислат оние што им ја нудт книгата на децата и оние што го финансираат нејзиното издавање, зашто принова немаме, а нашиот најмлад писател има 53 години. Останатото нека им служи на честа и нека им тежи на совеста на оние кои ги делат средствата од нашите доприноси за литература, зашто не е добро за некого да бидеш т атко, а за друг очув ако за тоа ти се дала можност.


 


© 2001 Утрински Весник, сите права задржани