Број 1452 понеделник, 16 октомври 2006


  Економија

   

 

Собранието на доверители на фабриката за автобуси го верификува купопродажниот договор
"Унитаерс", дефинитивно, сопственик на ФАС "11 Октомври"
Иако беа прекршени тендерските правила, претставниците на државниот капитал ја потврдија одлуката на Одборот на доверители за прифаќање на договорот меѓу ФАС и Славе Распашковски

ФАС "11 Октомври"
МАЈА ТОМИЌ

Собранието на доверителите на ФАС на вчерашната седница ја потврди претходно донесената одлука на Одборот на доверители за прифаќање на задоцнетата уплата на парите од Славе Распашковски, со што е потврдена веродостојноста на купопродажниот договор со "Унитаерс", кој дефинитивно за сума од 1,2 милиона евра стана сопственик на скопската фабрика на автобуси. На состанокот биле присутни 83 отсто од вкупниот број претставници од државниот капитал, а осумдесет отсто од нив се изјасниле дека го прифаќаат донесениот заклучок на Одборот на доверители за прифаќање на задоцнетата уплата на парите за купување на ФАС. Само претставниците на четири претпријатија-доверители, меѓу кои и ЕСМ, биле против таа одлука. Собранието заклучило дека задоцнетата уплата не е пречка за да се дореализира веќе склучениот купопродажбен договор, кој сега треба уште да се солемизира кај нотар, како и тоа дека нема потреба од распишување нов тендер за ФАС, како што предлагаше Министерството за економија.

Како што изјави Распашковски, во изминатиот месец, додека се чекаше прифаќање или одбивање на одлуката на Одборот, неговата фирма претрпела финансиски штети и штети врз сопствениот углед. Според Ацо Николовски, пак, првиот синдикалец на ФАС, моментално во фабриката работат 50 работници кои сервисираат автобуси. Синдикатот склучил договор со "Унитаерс" за враќање на 300 работници во рок од девет месеци, а таа бројка ќе се зголемува постепено со тек на време.

Инаку, сў до вчерашната седница на Собранието на доверители беше неизвесна валидноста на купородажниот договор меѓу ФАС и Распашковски, бидејќи тој е склучен пред последната уплата на ратата од 850.000 евра. Таа се изврши со задоцнување од пет дена, додека претходните две рати, исто така, беа извршени со пребивање на тендерските рокови, што од Министерството за економија беше доволна причина за оценување на купопродажниот договор за невалиден, бидејќи се нарушени тендерските правила и рокови.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани