Број 1404 понеделник, 16 октомври 2006


  Спорт

   

 

Со помошта на читателите на "Утрински весник" се комплетира списокот на играчи од Македонија кои играле во клубовите од поранешна СФРЈ
Жанко Савов во Раднички (Н), Кускински во Војводина
Миодраг Мицковиќ

Киро Заров


Кога во спортскиот прилог на "Утрински весник" од минатиот понеделник објавивме неофицијален список на фудбалери од Македонија кои играле во клубовите во поранешна Југославија, побаравме и помош од неговите читатели да се потсетат на некои заборавени имиња за да го комплетираме овој список што навистина не беше лесно со оглед дека се минати повеќе од 50 години откако првите фудбалери почнаа да играат надвор од Македонија.

Според тој првичен список 128 фудбалери играле во 234 клубови. Меѓутоа, благодарејќи на нашите читатели, бројот и на играчите и на клубовите е осетно зголемен, бидејќи и тие почнаа да истражуваат и да се потсетуваат на тие постари фудбалери, веќе заборавени од љубителите на фудбалот. Досега, освен "Утрински весник", никој нема направено едно вакво истражување низ пожолтените, често и искинати спортски страници во дневните весници.

Кога напишавме дека "црно-белиот" дрес на Партизан го носеле 18 фудбалери, веднаш зад него на Црвена звезда 16, мислевме дека тоа се клубови за кои настапувале најмногу фудбалери од нашата држава.

Меѓутоа, според најновите истражувања, во кои ни помогнаа и нашите читатели, на второто место на таа ранг листа се најде нишки Раднички со 18 фудбалери.

Покрај веќе десетте што ги објавивме во минатиот спортски прилог, сега има уште осум нови имиња. Тоа се прилепчаните Иван Гарбески, Веселин Тофоски, Војче Тренески и Благоја Кулески, потоа Здравко Точко, Боро Николиќ, Атанас Кироски и сегашниот тренер на Цементарница, Жанко Савов.

За ОФК Београд настапувале и Ангел Панов, Златко Тодоровски и Тони Шалев, за Приштина Тоде Тодоровски и голманот на Балкан, Џемаил Зекири.

Од клубовите во Србија нови имиња се: Напредак (Крушевац):Симон Велкоски, Ѓорѓи Тркалилнов и Перо Ѓоргоновски.

Војводина: Дејан Кускински, Благоја Китановски.

Спартак: Саша Илиќ

Кикинда: Лазо Липовски.

Нови екипи за кои настапувале фудбалерите од Македонија се:

Бор: Симеон Ефремов, Лазо Липовски.

Слобода (Ужице): Ивица Цветановски.

Чукарички: Панче Георгиевски, Горазд Михајлов.

Нови Сад: Доксим Дамјанов.

Нови Пазар: Фарук Јонуз, Риза Тутиќ. Покрај настапите за Трепча и за Приштина, од покраината Косово, за уште три куба играле фудбалери од нашата држава: Црвена звезда (Гнилане): Насер Салихи и Муамер Салихи.

Лирија: Џемаил Зекир и Ивица Цветановски, Риза Тутиќ.

РЕМХК Косово: Коста Јакимовски и Ацо Шуменковски.

Да потсетиме, овие три клуба имаат играно во Втората поранешна лига на Југославија.

Во Босна и Херцеговина за Борац од Бања Лука едно време бранеше и Саша Илиќ, кој сега е во Иран.

За Риека и за Загреб настапувал и Здравко Точко, кој бил младински репрезентативец на поранешна Југославија.

Еден од најдобрите фудбалери од Охрид, подоцна тренер, Кире Заров, го носеше дресот на загрепска Трешњевка, која денес не постои.

Многумина заборавиле дека една година дресот на второлигашот Шибеник го има носено и струмичанецот Зоран Митев.

Истра (Пула): Славе Гически.

Задар: Драган Иванов.

Хајдук: Ангел Панов.

Публикум: Панче Георгиевски, Горазд Михајлов.

Коротан: Артим Шаќири.

Живила Накло: Борче Христов.

Железничар (Марибор): Горазд Михајлов.

И на крајот Боби Милевски, кој денес настапува во Израел, една година беше член на словенечки Марибор.

Според тоа, со новите имиња бројот на играчите од Македонија кои играле во клубовите од поранешните југословенски простори се зголеми од 128, како што првично објавивме на 164 и од 34 на 49 клубови. Уште еднаш да повториме: тоа е јасен доказ за квалитетот на македонскиот фудбал и неговите играчи.

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани