Број 1294 понеделник, 16 октомври 2006


  На прво место

   

 

Во Собранието на Македонија врачени највисоките државни признанија
11 Октомври е непресушен извор за творците

Годинашните добитници на највисоката државна награда
Во свечената сала на Собранието на Република Македонија вчера беа врачени наградите "11 Октомври". Годинашните лауреати на ова највисоко државно признание се: Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков", проф. д-р Љупчо Ајдински, од областа на науката и образованието, Тале Огненовски, Зоица Пуровска-Велевска, од областа на културата и уметноста и Борис Поп Ѓорчев, од областа на новинарството.

Свеченоста се одвиваше во присуство на истакнати претставници на политичкиот и културниот живот во земјава. Од името на Одборот за доделување на наградата, на присутните им се обрати проф. д-р Трајан Гоцевски, претседател на Одборот, кој меѓу другото рече: "Празнувањето на творештвото е празник на душата на секој наш граѓанин. Денешното наше празнување својата висока и трајна симболика ја има во синтезата на овој светол ден - 11 Октомври. Токму денешниот ден претставуваше и во иднина ќе претставува непресушен извор на творците за да ги искажуваат своите врвни, научни и уметнички дела".

Од името на наградените се заблагодари проф д-р Љупчо Ајдински, кој подвлече дека "чествувањето на овој ден во годината кога се одбележува 100-годишнината од Илинденското востание претставува особена радост, а наградата, пак, претставува лично признание за долгогодишната работа и преку неа ќе дадеме скромен прилог во дејностите во кои работиме. Таа ќе биде наш аманет за помладите генерации да не го испуштаат одот на современите цивилизации".

Инаку, наградата се состои од паричен дел во износ од осум просечни плати исплатени во областа на стопанството и плакета. (Н.П.)

© 2001 Утрински Весник, сите права задржани